Сицилија на колена!
Јувентус победнички започна во новата сезона и тоа на жешкиот терен во Сицилија против Палермо. Домаќините беа опасен противник во текот на целиот натпревар и тие први дојдоа во водство уште рано во првото полувреме. Сепак, на сцена стапи Адриан Муту со своите 2 гола за 10-тина минути за пресврт и водство што Јуве го задржа до крајот на натпреварот. Палермо имаше многу шанси но сепак, за наша среќа не успеа да ги искористи. Кај Јуве се чувствуваше (и тоа како) отсуството на двајцата можеби најкреативни играчи Недвед и Замброта и додека Муту достојно го замени Недвед, се чини дека Песото одигра далеку под нивото на Замброта. Емерсон и Виеира беа стандардни, додека Канаваро, Турам, Киелини и Абијати не направија никакви грешки во одбраната. Посебно Абијати имаше своја вечер и одбрани неколку многу опасни удари. Каморанези како и секогаш претрча најмногу и направи многу акции додека напаѓачкиот тандем Златан - Трезеге беше исто така на ниво на задачата. И двајцата имаа свои шанси кои за жал не ги искористија, иако Златан на моменти повторно претеруваше со дриблинзите. Мислам дека на Златан треба да му биде јасно дека мора да ја искористи својата техничка подготвеност за доброто на тимот, бидејќи тоа е поважно отколку тој да приредува атракции... Дел Пиеро влезе во игра на самиот крај на натпреварот и веднаш создаде две шанси - едната беше одлично додавање во срцето на шеснаесетникот до Трезеге (овој шутираше над голот) а вториот пат во самиот финиш успеа да повлече еден контра напад но сакајќи пред се да изнуди пенал ја пропушти шансата да шутира во голот од многу поволна позиција. Како и да е, Јуве ги освои трите бода додека Фиорентина одигра само нерешено на гости против Реџина. Сега притисокот е на Интер и Милан да победат на своите утрешни натпревари за да останат во чекор со шампионот. Се надевам дека и Горан Пандев ќе настапи утре против Асколи и тоа ќе биде убава можност за него да се запише во листата на стрелците.
0 Comments:
Објави коментар
<< Home