Алесандро Дел Пиеро
Алесандро Дел Пиеро пристигнува во Торино на 19 години откако со своите игри импресионира во тимот на Падова. Дел Пиеро веднаш влетува во младинската екипа на Јуве и уште во првата сезона се наметнува како лидер на тимот кој успева да го освои младинското првенство на Италија како и многу ценетиот младински турнир во Вијареџо. Тогашниот тренер на Јуве, Џовани Трапатони го забележува неговиот талент и уште на 19 години му дава шанса да се докаже во првиот состав која Дел Пиеро ја искористува. Постигнува 5 гола на 14 настапи за Јуве. Првиот гол за Дел Пиеро е против Реџиана на 19-ти септември 1993 година во победата на Јуве од 4-0. Тој го постигна четвртиот гол кога натпреварот веќе беше решен, но овој гол е значаен бидејќи го означува почетокот на една нова ера во Јувентус.
Голот против Фиорентина и враќањето на скудетото во Торино
Веќе следната сезона, на чело на Јувентус доаѓа Марчело Липи, тогаш млад тренер со добри резултати во Наполи и Аталанта кој сеуште не се докажал водејќи некој од поголемите клубови во Италија. Напаѓачкиот стил на игра кој Липи го негува потполно му одговара на младиот Дел Пиеро кој се изборува за стандардно место во првиот состав на Јуве веќе на 20-годишна возраст. Во таа сезона, Дел Пиеро постигнува неколку решавачки голови за Јуве. Натпреварот против Фиорентина на гости во Фиренца беше тој кој го крена Дел Пиеро меѓу ѕвездите во Италија. Јуве губеше со 2-0 и само за 5 минути, Пинтуричио успеа два пати да му асистира на Вијали за Јуве да израмни на 2-2. Потоа, Дел Пиеро го постигнува еден од најубавите голови во својата кариера. Добива висока топка на околу 40 метри од голот на Толдо и без размислување со волеј удар бие кон противничкиот гол. Толдо е немоќен а Дел Пиеро му ја носи победата на Јувентус. Неколку недели потоа, Липи се соочува со многу повреди пред еден од решавачките натпревари за скудетото на гости против Лацио. Сепак, Дел Пиеро повторно ги зема работите во свои раце постигнувајќи 2 гола во победата на Јуве која ги носи на чело на табелата каде што и ќе останат до крајот на сезоната и по 9 години, Јувентус го освојува скудетото. Во истата сезона, Јуве го освојува и Купот на Италија а исто така е многу блиску до освојување на Лигата на шампионите.
Веќе следната сезона, Дел Пиеро го предводи Јуве до најпосакуваната цел – титулата во Лигата на Шампионите. Ова има уште поголема вредност ако се знае дека токму таа сезона, Марчело Липи имајќи доверба во младиот Дел Пиеро му дозволува на Роберто Баџо (во своите најдобри години) да замине од Јуве а токму Дел Пиеро да го добие дресот со број 10. Ова е голема одговорност за Алекс кој е на ниво на задачата и ги постигнува најважните голови на патот на Јуве до финалето. Тој е најдобриот фудбалер во Европа и станува препознатлив по спектакуларните голови од слободни удари надвор од шеснаесетникот. Засекогаш ќе останат запаметени неговите голови за пресврт против Борусија Дортмунд и Реал Мадрид. На крајот на сезоната, Јувентус доаѓа и до триумф во Интерконтиненталниот Куп со што и официјално ја заокружува една од најуспешните сезони во историјата на клубот. По само три сезони поминати во Јуве, Дел Пиеро веќе ги има освоено Серија А, Италијанскиот Куп, Италијанскиот Супер Куп, Лигата на шампионите, Интерконтиненталниот Куп и Суперкупот на Европа!!!
Две сезони на радост и разочарување
Во следните две сезони, Јуве успева доминантно да триумфира во Серија А. Дел Пиеро е лидер и капитен на тимот. Сепак, колку што радоста е голема од освојувањето на две нови скудета, толку е и тагата поради двете загубени финалиња во Лигата на шампионите. Јувентус најпрво загуби во финалето против Борусија Дортмнунд а подоцна и против Реал Мадрид. Сепак, 3 последователни финалиња во Лигата на шампионите се нешто со што ретко кој тим може да се пофали.
Најтешкиот момент во кариерата
По четири поминати сезони од партнерството меѓу Липи и Дел Пиеро, овој тандем на чело на Јуве освојува скоро се што може да се освои. Така започнува и петтата сезона. Сепак, во 8-то коло на натпреварот против Удинезе, Дел Пиеро заработува тешка повреда на левата нога која го оддалечува од фудбалот скоро 8 месеци. Тимот без Дел Пиеро веќе не е оној истиот. Шансите за титулата се загубени веќе на полу-сезоната а следува и елиминација од Лигата на шампионите. Марчело Липи поднесува оставка а на негово место доаѓа Карло Анчелоти. Јувентус завршува на место на табелата кое им гарантира само пласман во Интертото Купот и токму на средбите во Интертото, Дел Пиеро успева колку-толку да се врати во форма во текот на летото. Иако во текот на целата сезона постигнува погодоци, сепак Дел Пиеро неможе сам да ги освои трофеите. Овие две сезони се полни со разочарувања и титулите од Серија А заминуваат во Рим (кај Лацио и Рома).
Сезоната 2001/2002 Јувентус е со комплетно реновиран тим. Заминувањето на Зидан значеше доаѓање на многу нови фудбалери (Недвед, Турам, Буфон, Трезеге...) и со Марчело Липи на клупата а Дел Пиеро како капитен и лидер на нападот, Јуве успева да го врати скудетото во Торино. Дел Пиеро постигнува 16 гола и го освојува своето 4-то скудето. Следната сезона, Дел Пиеро повторно постигнува 16 голови во Серија А и го предводи Јуве до 27-та титула во Италија, за него јубилејна 5-та. Дел Пиеро веќе е во историјата на Јувентус со преку 100 голови во дресот на “бјанконерите“. Сепак, истата сезона следува разочарувањето во Лигата на шампионите каде Јувентус загуби во финалето од лутиот ривал Милан на пенали. Ерата на Липи во Јуве заврши откако следната сезона Јуве не успеа да освои ниту еден трофеј и му го препушти скудетото на Милан.
Со доаѓањето на Фабио Капело на чело на Јуве, “бјанконерите“ повторно го враќаат скудетото во Торино. Дел Пиеро е клучниот фудбалер на решавачкиот натпревар таа сезона откако со “ножички“ му асистира на Трезеге кој го постигнува единствениот гол во триумфот во Милано кој значи титула за Јуве. 28-мо скудето за Јуве, 6-то за Дел Пиеро. Веќе оваа сезона, Пинтуричио (име на познат магионичар кое Дел Пиеро го добива поради неговите “магични“ потези со топката) станува најдобриот стрелец на Јуве и тоа во голем стил. Откако најпрво го изедначи рекордот од 182 голови на вечната листа на стрелци, Дел Пиеро на натпреварот против Фиорентина постигнува хет-трик и со вкупно 185 голови станува најдобриот стрелец во историјата на најтрофејниот клуб во Италија.
2 Comments:
Sekoja cest za aleks,iako vcera pokaza protiv fiorentina deka talentot sekogas ostanuva ,sepak vreme e malku po malku da go prakame vo istorijata kako i Zidan bidejki gledas deka nemozat da odigraat vo kontinuitet nekolku partii bez da se povredat.
p[ozdrav od 100sport.blog.com.mk
bravo care
Објави коментар
<< Home