Победа против комунистите :)

Јуве рутинирано дојде до нова победа во Серија А откако беше совладан тимот на Ливорно на гости со 3-1. Творец на победата беше Давид Трезеге кој постигна 2 гола со што стигна до бројката од 20 голови ова првенство, додека третиот гол беше дело на капитенот Дел Пиеро кој по којзнае колку време изигра еден натпревар од почеток до крај.
Јуве не се трудеше премногу и во финишот од второто полувреме тоа можеше да биде казнето од страна на мотивираните фудбалери на Ливорно. Поведовме рано, уште при првата шанса на Трезеге и до крајот на првото полувреме Ливорно имаше поголем дел од шансите но Буфон беше на висина на задачата. Тоа што ми остави впечаток беше крајно грубата игра на некои фудбалери на Ливорно, но ок е бидејќи никој не се повреди. Во вториот дел домашните притиснаа кон голот на Буфон и дојдоа до израмнување кое траеше само неколку секунди бидејќи веќе во следниот напад по голот на Ливорно, Трезеге го врати водството за Јуве. До крајот, фудбалерите на Ливорно имаа желба, мотиви и се трудеа напорно за да дојдат до погодок, но сепак им недостигаше уште малку среќа и квалитет. Во последниот контра-напад од натпреварот, Дел Пиеро го постигна 10-тиот гол за него сезонава во Серија А со што стави точка на победата. За одбележување е што пред тоа, во 3 наврати нападот на Јуве не искористи ситуации со играч повеќе во контра-напад најмногу поради себичноста на Дел Пиеро и Ибра во два наврати, како и плеткањето на Муту.
Се на се, победа во просечна игра со што можеме мирно да го дочекаме следното коло.
Forza Juve!!!