Трпи Тоти!!!

Голема победа за Јувентус на дербито против Рома! Браво за целиот тим. Одигравме цврсто и трпеливо и објективно за класа подобро од Рома! Првиот гол беше дело на Недвед (ме спаси во кладилница ја имав 2-2) во финишот на првиот дел, што можеби и беше помалку незаслужено водство на Јуве бидејќи двете екипи играа изедначено. Во второто полувреме бура од 5 минути во кои Рома беше нокаутирана. 3 гола, првиот ремек-дело на Ибрахимовиќ: акција во три потега - Замброта го проигра Ибра со висока топка на средината на теренот каде овој со надворешниот дел од копачката ја префрли преку Куфор и го претрча по што го постигна голот. Трезеге додаде уште два гола - во негов стил. Ме изнервира црвениот картон за Турам кој беше сосема неправедно доделен бидејќи контактот при пеналот досуден за Рома беше минимален - Монтела сам се сопна. Како и да е, добро е!

Одиме понатаму!
Јувентус со победата над Клуб Бриж вчера си го обезбеди пласманот понатаму во Лигата на Шампионите! Јуве доминираше во текот на целиот натпревар, ама во првото полувреме имаше само една 100%-на шанса. Сепак, во второто полувреме ептен притиснавме - шанси имаа Трезеге, Каморанези, Виеира, Недвед и Дел Пиеро. Капитенот успеа со глава по нафрлената топка од Недвед да го постигне победничкиот гол со што (и со добрата игра) дава до знаење дека сеуште може да се смета на него...нормално! Сега треба да постигнеме еден гол повеќе од Баерн во последното коло за да го освоиме првото место во групата. Добро е што следното коло го играме во среда, па доколку во вторник понезгодни екипи финишираат на второ место во останатите групи, може ќе биде паметно да се одигра со втор состав и да не се форсира....Капело си знае!

Дерби: Рома - Јувентус

Конечно заврши паузата во националните првенства. Фудбалерите на Јуве по одличните настапи за своите репрезентации (Дел Пиеро и Замброта одлично одиграа за Италија, Недвед за Чешка...) се враќаат и тоа веднаш со дерби натпревар. Во недела гостуваме во Рим против Рома. Ривалството меѓу Јуве и Рома е едно од најголемите во Италија. Цела недела пред натпреварот фрчеа изјави од двата табори. Тоти очекувано почна повторно да фрла со дрвја и камења по Капело зошто му го свртел грбот и заминал од Рома (како да заборава дека со Капело ја освои единствената титула). Капело нормално не остана покус и му врати на Тоти, Турам истакна дека мечот ќе биде исклучително тежок а Де Роси изјави дека натпреварите против Јувентус секогаш се “ненормални“. Но сето тоа не е важно. Важни се 90-те минути на зелениот терен. Јувентус нема некои поголеми проблеми со составот освен повредата на Буфон. Се надевам дека Абијати овој пат нема да распали со некој бисер како против Баерн на гости и против Милан. Во одбраната покрај Замброта, Турам и Канаваро стартер најверојатно ќе биде Киелини. Во средниот ред стандардно Каморанези, Недвед, Емерсон и Виеира, додека во нападот ќе истрчаат Трезеге и Ибрахимовиќ, иако е можно и Дел Пиеро да влета во стартниот состав како изненадување. Во комбинација да влезат во игра се Муту на местото на Недвед (кој можеби е уморен поради настапот за Чешка на двата натпревари од баражот), Бласи може да влета на местото на Киелини или пак Ковач да стартува на централната одбранбена позиција а Турам да се пресели десно.
Мое предвидување е победа од 1-2 за Јувентус! Ајде Јуве!!!!

Анкета

Милан :( Баерн :)

Значи помина дербито. Јувентус загуби од Милан...сосема заслужено. Бевме комплетно надиграни и им ја честитам победата на сите навивачи на Милан (па и на сите анти-навивачи на Јуве). Добра работа од овој пораз е фактот што и по 10 одиграни кола (вклучувајќи ги и натпреварите против Интер и Милан) Јуве е на првата позиција на табелата со пристојни 2 бода предност. Можам слободно да констатирам дека Јувентус ги исполни моите очекувања на стартот на сезоната.

Дека поразот од Милан беше само една лоша вечер, Јуве докажа на натпреварот против Баерн. Им се реванширавме за поразот во Минхен и сега можеме мирно да влеземе во последните два натпревари поради фактот што останува на Баерн да даде повеќе голови и да ја стигне нашата (засега) подобра гол-разлика.

Интернет

КОНЕЧНО!!! Од денеска имам нормална (за наши услови) интернет врска (ставив кабелски интернет од МОЛ) и ќе можам поредовно да му се посветам на блогов!!!