Топот ја нападна Дамата

Во продолжение ќе имате можност да читате еден текст кој беше оставен како коментар на претходниот пост. Мене лично ми се допадна многу и неможев да издржам да не го постирам. Под текстот е потпишан некој со www.digimka.net, сајт кој на мене не ми се отвара. Оваа прилика би сакал да ја искористам да го замолам авторот на овој текст да ме исконтактира преку мејл или преку коментар на блогов. Повелете, читајте! Браво за текстот!!!

Можеби премногу шаховски звучи овој наслов иако се зборува за првите натпревари од 1/4 финалето на Лигата на шампионите во фудбал, сепак "Старата Дама" е во шах позиција а заедно со неа е и нејзиниот крал, неговото фудбалско величество Фабио Капело.

Битката започна на Хајбери во Лондон и во почетокот беше неинтересна за гледање, премногу тактизирањето на двајцата "кралеви". Но Арсен Венгер одлично им ја одреди позицијата на своите "војници" така да нив ги имаше на сите страни од теренот и со брзи и кратки проигрувања го совладуваа просторот и стигнуваа до шанси и полушанси.

За прв пат на некогашниот свој домашен терен се врати и "грофот на средината на теренот" Патрик Виеира. Но таа вечер и тоа негово враќање кај своите како да беше маѓепсано од страна на неговите поранешни соиграчи и по една изгубена топка на Виеира од страна на "волшебникот" Пирез во 40' од натпреварот по една добро развиена полуконтра топката стигна до "тореадорот" Сес Фабрегас кој многу лукаво по земја го совлада "господарот на златните порти" кај "Старата Дама", одличниот Џанлуиџи Буфон. Од тој момент екипата од Италија како да имаше урок фрлено врз неа и цел натпревар многу слабо играше.

Се чуствуваше отсуството на најдобрите "војсководци" за Фабио Капело, а тоа се "волшебникот" Алесандро дел Пиеро и "генералот" од Чешко-Моравската област, Павел Недвед.

Треба да се каже дека Арсен Венгер добро ги обучил своите играчи од одбраната така што "платениците од Африка" Ебуе' и Туре' одлично ги запираа напаѓачите на Јувентус, односно "маркизот" Трезеге и "мехмет паша" Ибрахимoвиќ, и тоа освен по земја одлично ги запираа и во воздушните дуели иако Трезеге и Ибрахимовиќ се високи играчи. Немаше кој достојно да го замени Недвед на средината од теренот, а неговата замена "грофот од Трансилванија", Муту, многу слабо играше на крилната позиција и на средината од теренот, а од десната крилна позиција слабо играше и "Дон" Maуро Каморанези, така да и двајцата слабо ги "хранеја" со употребливи топки на Трезеге и Ибрахимовиќ.

Арсенал играше на контри и со прекрасни уфрлувања на своите играчи од 55' до 70' направија 3 прекрасни шанси и тоа на Фабрегас, Ебуе' и Анри. Во истата 70' повторно од полуконтра "волшебникот" Aнри го совлада Буфон по втор пат.

На крајот нервозата беше присутна кај Каморанези и Зебина и двајцата добија по втор жолт картон и со два играчи повеќе "топџиите" победија со 2:0.

Единствено Буфон достојно ја извршуваше својата задача во екипата на Јуве. Предноста на Арсенал е голема, но останува да видеме за 8 дена дали Капело ќе извади нешто од своите ракави.

Катастрофа !!!

Вечерва бевме сведоци на Јувентус во едно катастрофално издание. Во натпреварот во кој требаше да одиграме најприсебно, најсконцентрирано и најдобро, нашите фудбалери потфрлија од Лондон се враќаме на Деле Алпи со 2 гола во нашата мрежа.

Сигурно дека сите го гледавте натпреварот па така мислам дека не треба да прераскажувам. Силите на теренот беа еднакви само во првите 30-40 минути, се додека Арсенал не го постигна водечкиот гол. Во преостанатиот дел од натпреварот гледавме еден очаен тим на Јуве кој едноставно се загуби на теренот. Нападот беше катастрофален. Трезеге и Ибра едноставно играа без концепција и не успеаја да создадат ниту една шанса за гол. Каморанези беше премногу нервозен и не покажа ништо од неговите способности и не упати ниту една корисна топка во шеснаесетникот. Од другата страна, Муту практично се загуби на теренот. Поради суспензијата на Недвед, токму тој требаше да направи да не се почувствува отсуството на чехот, но слично како и Каморанези се вклопи во сивилото на офанзивните фудбалери. Виеира и Емерсон освоија доста топки на средината и прекинаа многу напади на Арсенал, но едноставно и тие немаа идеја како да ја организираат играта на Јуве. Единствените светли точки беа во одбраната: Канаваро, Турам и Замброта беа на нивото на задачата но и тие не успеаја да импресионираат со оглед на тоа што Јуве прими два гола. За Зебина не сакам воопшто ниту да коментирам. Безброј загубени топки и груби стартови и прашање на време беше кога ќе добие црвен картон.

Јувентус ќе мора да одигра многу многу многу многу подобро на реваншот на Деле Алпи за да може да се надева на пласман во полу-финалето. Ќе ни треба играта со која го совладавме Реал Мадрид со 3-0 пред 2 години, играта со која ја победивме Барселона на гости истата сезона, играта со која го победивме Интер на Деле Алпи и играта со која славевме против Рома на Олимпико со 4-1. Јас сум непоправлив оптимист, па и покрај тоа што сум максимално разочаран од изданието на мојот омилен клуб, продолжувам да се надевам дека можеме да му го одземеме на Арсенал пласманот во полуфиналето.

Тоа е тоа, им се направи меракот на анти-јуве фановите па сега ми останува да ги читам нивните коментари и нивната радост поради неуспехот на Јувентус во Лигата на шампионите. Па, повелете :)

Наградно прашање :)

Погодете го името на фудбалеров на сликата (поранешен фудбалер на Јувентус, нормално).

Победа против комунистите :)

Јуве рутинирано дојде до нова победа во Серија А откако беше совладан тимот на Ливорно на гости со 3-1. Творец на победата беше Давид Трезеге кој постигна 2 гола со што стигна до бројката од 20 голови ова првенство, додека третиот гол беше дело на капитенот Дел Пиеро кој по којзнае колку време изигра еден натпревар од почеток до крај.
Јуве не се трудеше премногу и во финишот од второто полувреме тоа можеше да биде казнето од страна на мотивираните фудбалери на Ливорно. Поведовме рано, уште при првата шанса на Трезеге и до крајот на првото полувреме Ливорно имаше поголем дел од шансите но Буфон беше на висина на задачата. Тоа што ми остави впечаток беше крајно грубата игра на некои фудбалери на Ливорно, но ок е бидејќи никој не се повреди. Во вториот дел домашните притиснаа кон голот на Буфон и дојдоа до израмнување кое траеше само неколку секунди бидејќи веќе во следниот напад по голот на Ливорно, Трезеге го врати водството за Јуве. До крајот, фудбалерите на Ливорно имаа желба, мотиви и се трудеа напорно за да дојдат до погодок, но сепак им недостигаше уште малку среќа и квалитет. Во последниот контра-напад од натпреварот, Дел Пиеро го постигна 10-тиот гол за него сезонава во Серија А со што стави точка на победата. За одбележување е што пред тоа, во 3 наврати нападот на Јуве не искористи ситуации со играч повеќе во контра-напад најмногу поради себичноста на Дел Пиеро и Ибра во два наврати, како и плеткањето на Муту.
Се на се, победа во просечна игра со што можеме мирно да го дочекаме следното коло.
Forza Juve!!!

Ретро

Дали се сеќавате на ова момче?! Една од најголемите грешки на Јувентус е што никогаш не му даде шанса на Анри...тој во текот на сезоната кога настапуваше на Деле Алпи главно ја добиваше шансата од клупата за резервни фудбалери но едноставно не се снајде во Јувентус. Во четврт-финалето од Лигата на шампионите, токму тој ќе биде нашиот најголем противник.А еве го и Виеира :) Тој е пак една од пропуштените шанси на Милан (поточно на Фабио Капело кој како тренер на Милан го оцени како недоволно квалитетен). Мислам дека Виеира и Анри ќе бидат во главна улога во четврт-финалето, само со различни дресови од овие на сликите :)

0-0, скудетото е блиску!

Натпреварот на сезоната за Јуве и Милан заврши “мирољубиво“, без голови. Со ова, Јувентус ја задржа предноста од 10 бода на 9 натпревари до крајот на сезоната, што би значело дека Милан треба да се надева дека ќе загубиме барем 3 натпревари и ќе имаме еден нерешен резултат, па доколку тие победат во сите средби до крајот да ни ја одземат титулата.
Натпреварот сам по себе беше досаден. Се чувствуваше нервозата кај двата тима. Јуве не сакаше да загуби а во исто време не сакаше ниту да напаѓа по секоја цена па морам да признаам дека токму нашата игра беше таа што го направи натпреварот досаден за публиката. Но, како што вели Капело: целта ги оправдува средствата, па така задоволен сум од крајниот исход со оглед на одличната игра на Милан. Милан беше тимот кој ја имаше иницијативата и најдобрите шанси во текот на целиот меч но им недостигаше малку среќа за да си заминат од Деле Алпи со 3 бода. Подетален извештај нема да пишувам бидејќи верувам дека сите го гледавте натпреварот, па нема зашто јас да ви прераскажувам.

Ќе обрнам внимание само на две ситуации кои сите (како што гледам во коментарите) ги сметате за спорни/контраверзни.
1. Играта со рака на Емерсон во шеснаесетникот: Неспорно е дека играње со рака имаше но само сакам да ве потсетам на правилата кои велат дека доколку играњето со рака е случајно/без намера, тогаш судијата според своето убедување проценува дали да досуди пенал или не (освен кога играта е во петерецот каде секако се досудува пенал). Со оглед на тоа што топката не одеше кон голот и Емерсон беше само на пола метар од Неста, бразилецот немаше ниту време да ја тргне раката и очигледно е дека немаше никаква намера. Сметам дека судијата реши правилно...има мали реакции од страна на Анчелоти, но ако досудеше пенал, тогаш ќе имаше реакции од Капело...ситуацијата беше 50-50. Светските медиуми главно го имаат следниот коментар:
A corner kick found both Inzaghi and Gennaro Gattuso, the midfielder bringing a save out of Buffon. The move continued and Nesta was booked for dissent, as he claimed Emerson's handling offence was worthy of a penalty, but the two players were very close together and it was clearly involuntary.“
2. Црвениот картон на Гатузо: Сосема заслужен. Тој заработи жолт (втор) картон а не директен црвен и мислам дека за таков старт беше сосема заслужено. Неможам да се изначудам на глупавоста на потегот на Гатузо и на тоа зашто направи таков груб прекршок кога Недвед ја имаше топката пред својот шеснаесетник (не беше ниту во гол-шанса, ниту пак доколку Гатузо ја избиеше топката Милан ќе се најдеше во гол-шанса). Уште повеќе се разочарав од неговото пцуење на Капело на патот кон соблекувалната. Да се разбереме: Гатузо е фудбалерот од Милан кој најмногу го почитувам и го ценам и доколку би бирал еден фудбалер на Милан кој би сакал да премине во Јуве, тоа би бил Гатузо. НО, она што го направи е најпростачко нешто: му се обрати со пцуење на еден од синонимите на фудбалот во Италија и еден од најдобрите фудбалски работници во цела Европа - со тоа презентираше некултура, простотилак и примитивизам. Она што малку го поправи моето мислење е извинувањето на Гатузо по натпреварот кое Капело го прифати велејќи: “Тој не требаше да ме пцуе мене. Сепак, го прифаќам извинувањето бидејќи сум сигурен дека тоа го стори без намера, во жарот на играта“.Тоа е тоа. 10 бода предност на 9 натпревари пред крајот на сезоната, скудетото 99% останува во Торино (ако не се случи некое чудо) и тоа ни дава повеќе простор да се концентрираме на дуелите со Арсенал.

Forza Juve!!!

Јувентус - Милан

Пред нас е најверојатно најважниот натпревар во Серија А оваа сезона. На Деле Алпи во Торино, Јуве го пречекува Милан. Со 10 бода предност на чело на табелата, победа на Јуве би значело запечатување на трката за титулата (би имале 13 бода предност на 9 кола до крајот), додека победа на Милан би значела каква-таква надеж дека можеби до крајот ќе успеат да го стигнат Јуве (би имале 7 бода негатива на 9 натпревари до крајот). Натпреварот помеѓу двата најдобри и најтрофејни клубови во Италија се игра во недела во 20:30 часот.

Во нашиот состав, поради повреда нема да настапи Замброта, додека Киелини и Ковач се суспендирани. Во одбраната, покрај Буфон на голот ќе стартуваат Турам, Канаваро, Балцарети и Зебина. Средниот ред ќе биде стандардниот: Виеира, Емерсон, Недвед, Каморанези, додека единствената дилема за Капело е кој ќе биде партнерот на Трезеге во нападот: Ибра или Дел Пиеро. Едно е сигурно: иако нерешен резултат ни одговара, сепак со победа би ја затвориле трката за скудетото и би можеле понатаму да се концентрираме на натпреварите во Лигата на шампионите.
Во составот на Милан ќе недостигаат Малдини и Кафу, додека последните информации од Италија говорат дека Андриј Шевченко поради мала повреда мечот ќе го започне на клупата за резерви. Иако не играат Малдини и Кафу, Сержињо влезе во одлична форма, додека изненадува и формата на Каладзе. Шимиќ, барем според мене ја игра најдобрата своја сезона во Милан. Во средниот ред покрај Гатузо и Пирло ќе играат Кака и Сидорф, додека нападот најверојатно ќе го предводат Џила и Инзаги (кој е во животна форма).

Фудбалери кои ќе го решат натпреварот:
Дел Пиеро: Il Capitano со својата форма потсетува на најдобрите денови. Иако веќе годините го стигаат, и она малку време кое го поминува на теренот е максимално ефективен и е еден од клучните фактори за добрата игра на Јуве.
Емерсон и Виеира: Тие го загубија дуелот со Пирло/Гатузо на првиот натпревар оваа сезона и овој пат едноставно ќе мора да ја превземат контролата на средината на теренот.
Пирло: Заедно со Гатузо убедливо најдобриот на првиот натпревар помеѓу овие два тима. Тоа е човекот кој ако Јуве не успее да го неутрализира, ќе направи големи проблеми.
Инзаги: Колку и да звучи чудно, Суперпипо е во животна форма и дури сериозно се наметнува за настап во националниот тим на Светското првенство ова лето. Против себе ќе го има капитенот на Италија: Канаваро, и тоа ќе биде совршена прилика да докаже дека местото му е во репрезентацијата. Мора да се внимава на Пипо.

Ова ќе биде 164-ти натпревар помеѓу Милан и Јуве и во досегашните 163 за нијанса подобар е Јувентус (54 победи на Јуве, 58 нерешени, 51 победа на Милан), додека во 71 натпревар досега одигран во Торино, Милан има само 19 победи.

Неблагодарно е да се прогнозира било каков исход од овој натпревар. Едно е сигурно: во недела ќе го гледаме најдоброто од фудбалот во Италија. Со среќа нека им е на Миланезите, па нека победи подобриот тим. Forza Juve!!!

Јувентус против Арсенал!!!

Јувентус го доби тимот на Арсенал за противник во четврт-финалето од Лигата на шампионите во ждрепката која се одржа денеска во Париз. Првиот натпревар меѓу овие два тима ќе се игра на Хајбери во Лондон, додека реванш-натпреварот Јувентус повторно ќе го игра на Деле Алпи. Ова е своевидно повторување на историјата бидејќи минатата година исто така добивме противник од Англија (Ливерпул) и се надевам дека оваа година ќе одиграме подобро против англичаните. Инаку, Арсенал е тимот кој игра во убедливо најдобра форма во ЛШ оваа сезона (заедно со Лион) и сеуште нема ниту еден пораз. Натпреварите по групи ги заврши со само еден нерешен резултат, додека во четврт-финалето го елиминираше Реал Мадрид со победа и нерешен резултат. Јас лично сум задоволен од ждрепката - можевме да добиеме и полесен, но можевме да добиеме и многу понезгоден противник. Секој тим кој стигнал до четврт-финалето е силен и не ставал никој во улогата на фаворит. Доколку сме успешни против Арсенал, во полу-финалето ќе ги одмериме силите со победникот од дуелот Виљареал-Интер/Ајакс додека од другата страна на финале ќе се надеваат Лион, Милан, Барселона и Бенфика. Сега не е време да се мисли на Лигата на шампионите бидејќи првите натпревари се дури на крајот на овој месец. Она што е поважно е дербито на Деле Алпи против Милан, ќе следува пост за натпреварот утре. Forza Juve!!!

Одиме понатаму!!! Благодарам Wiese!

Борбеност, упорност и решителност беа особините кои го красеа Јувентус вечерва и кои го одведоа во четврт-финалето од Лигата на шампионите. На Деле Алпи беше совладан одличниот тим на Вердер Бремен кој за разлика од прогнозите и предвидувањата пред ждрепката, се покажа како доста тежок противник за нас. Гостите изненадувачки поведоа во натпреварот со 1-0 со голот на Мику. Јувентус во првото полувреме се обидуваше да израмни, но нападот едноставно не функционираше. Поголемиот број од упатените топки беа додека Трезеге и Ибра беа во офсајд, додека и оние прилики кои ги имаа не успеаја да ги претворат во гол. За одбележување се шансите на Недвед и Емерсон при кои гостинскиот голман интервенираше одлично. Нападите на Јуве значеа и поотворена одбрана која гостите за наша среќа не успеаја да ја искористат. Имаа уште две убави можности за да го зголемат водството но Џиџи Буфон беше на висина на задачата. Во второто полувреме за Јувентус имаше само една опција: напад! Тоа значеше и поголема можност за Вердер преку контра-напад но за наша среќа ниту еден нивен напад не испадна успешен. Најпрво Трезеге израмни во 65-тата минута: Дел Пиеро ја сврте долгата топка кон Недвед, овој во шеснаесетникот му ја препушти на Трезеге кој конечно го совлада голманот на Вердер. Јуве напаѓаше до крајот но без успех и конечно во 88-та минута ни се насмевна среќата. Голманот Виесе кој одигра маестрално во текот на целиот натпревар и одбрани барем три 100%-ни шанси на Јуве, од херој стана трагичар! По една од многуте очајно нафрлени топки во шеснаесетникот, Виесе лесно интервенираше но откако падна на тревата не успеа да ја задржи топката во рацете: најблиску до него се најде изненадениот Емерсон (погледнете ја само фацата на Емерсон на забавената снимка од клипот кој може да го симнете од линкот подолу). Бразилецот го прифати овој подарок и го постигна голот кој значеше четврт-финале за Јувентус и продолжување на одличната сезона.
КЛИК ТУКА ЗА DOWNLOAD НА ГОЛОТ НА ЕМЕРСОН (може да влезе во конкуренција за најсмешни/среќни голови на сезоната).

За крај: морам да признаам дека овој пат среќата не послужи. Се до 88-та минута Вердер беше подобар противник во овој двомеч но една грешка ги чинеше пласман понатаму. Германците доживеаја нешто слично што и Јуве доживеа во Бремен. Сето она што го градеа во текот на целиот натпревар се сруши само поради една глупава грешка. Сето она што и Јуве го градеше во Бремен (ја имаше победата на 5 минути до крајот) се сруши исто така поради деконцентрација е нејасен пад во играта - требаше да одолееме уште на два напади за да заминеме со победа, но наместо тоа - примивме два гола. Доколку во овој дел од нокаут-фазата не се сретнеа Челзи и Барселона, можеби дуелот помеѓу Јуве и Вердер ќе беше најинтересниот - кој не ја гледаше снимката од натпреварот може да жали. Одиме понатаму! Forza Juventus!!!!

Време е...

Дојде денот. Јувентус вечерва на Деле Алпи го пречекува Вердер Бремен во натпревар кој ќе го реши патникот во четврт-финалето на Лигата на шампионите. Вердер стартува со предност од 3-2 што значи дека на нас ни треба победа! Како што рече Фабио Капело: “Нема калкулации. Ова е проста математика: мораме да победиме!“. Овој натпревар е од огромна важност за Јуве и се друго освен пласман понатаму ќе биде едноставно голем неуспех! Вердер е квалитетен тим кој сигурно не доаѓа на Деле Алпи со бело знаме. Некои ги отпишаа германците уште по ждрепката (јас барем ги потценив нивните квалитети). На вечерашниот натпревар мора да го поправиме впечатокот од последните 5 минути од првиот натпревар во кои не само што ја испуштивме победата од раце - туку доживеавме изненадувачки и шокирачки пораз. Во тимот се враќа Замброта, па така покрај него во одбранбената линија ќе бидат и Балцарети, Турам и Канаваро. Буфон е на голот, додека во средниот ред стандардно: Каморанези, Виеира, Емерсон и Недвед кој беше прогласен за фудбалер на месецот на Јувентус вчера. Проблемите се во напаѓачката линија и до последен момент вечерва не е познато кој ќе стартува. Дел Пиеро е подготвен во секое време (заедно со Муту) и неговиот настап ќе зависи од подготвеноста на Ибрахимовиќ и Трезеге (може да се случи и двајцата да настапат или и двајцата да не настапат). Останува само да им посакам среќа на момците и се надевам дека ќе успееме да дојдеме до победа и пласман во четврт-финалето што покрај другото би било одлична увертира за натпреварот против Милан кој ќе го одиграме веќе викендов. Forza Juve!!!

Победнички пред “натпреварот на сезоната“ !

Јувентус славеше на гостувањето против Сампдорија со 0-1 благодарение на голот на Павел Недвед (по подолго време). Натпреварот не успеав да го гледам поради фамилијарни обврски па затоа нема да се замарам да преведувам некој извештај. Од она што успеав да прочитам, заслужена победа на Јувентус. Добри интервенции на Буфон на 2-3 пати при најсериозните шанси за Сампдорија, одлично издание на Дел Пиеро и катастрофално издание на Залајета. Среќа влегол Муту и ја размрдал малку играта. Оваа победа има уште поголема вредност ако се земе во предвид фактот дека игравме без Ибра и Трезеге, но натпреварот е значаен и поради тоа што по подолга пауза кам-бек направи Џанлука Замброта кој и тоа како ќе ни биде потребен за натпреварот против Вердер. Утре ќе пишам поопширно за решавачките два натпревари на Јуве оваа сезона - играме против Вердер а потоа викендов и против Милан. За мене, натпреварот против Вердер е натпревар на сезоната, додека против Милан е можност веќе во март да ја затвориме трката за титулата... Ќе биде густо... Forza Juve!