Прва победа + жалба

Јувентус вчера ја оствари првата победа во првиот пријателски натпревар ова лето. Се играше против некојси нисколигаш и конечниот резултат беше 8-0. За Јуве настапија сите фудбалери освен интернационалците кои се очекува да се придружат во тимот по 3-ти август. Она што е за издвојување е одличната игра на младиот Паладино кој постигна хет-трик. Настапија и Киелини, Бириндели, Балцарети, Капо, Божинов, Кристијано Занети, Маркиони, Залајета...
Дешамп е воодушевен од Паладино

Новиот претседател на Јувентус, Giovanni Cobolli Gigli (сеуште не сум сигурен како се изговара неговото име, ако некој знае италијански нека каже) беше на трибините да го проследи првиот натпревар по неговото назначување на чело на Јувентус. Тој ја искористи приликата да упати и порака до фановите: “Ова се тешки времиња за Јувентус и ни треба вашата поддршка повеќе од било кога. Сите наши одлуки и потези се наложени од ситуацијата во која се наоѓаме и верувајте дека правиме се што можеме за да создадеме победнички Јувентус. Оние фудбалери кои си заминаа сакаа да си заминат но за секој што замина има по еден што останува како Дел Пјеро, Буфон и Недвед како и оние што дојдоа како Божинов, Маркиони, Занети. Ако други фудбалери се решат да си заминат, тогаш нови фудбалери ќе бидат доведени.“

Новиот претседател разговара на мобилен во стилот на Моџи :)

Во врска со казната и со жалбата која вчера ја поднесоа адвокатите на Јувентус, претседателот изјави: “Сеуште верувам дека заслужуваме да бидеме во Серија А со одземање на поени. Оваа казна која ја добивме е престрога и се надевам дека судот ќе ја намали. Тоа што сме во Серија Б со 30 поени во минус многу влијае и на заминувањето на фудбалерите кои не сакаат да ризикуваат 2 години во Серија Б. Иако имаме минус од 30 поени, јас ве уверувам сите дека уште во првата сезона ќе се вратиме меѓу елитата. Ќе видите еден Јувентус гладен за победи и за успех и никој нема да може да ни застане на патот на тој успех.“

За крај, добра вест за сите оние кои не им се допаѓаше предлогот на Најк за нов дрес на Јувентус. Дизајнот е променет и новите дресови ќе изгледаат како оној на сликата кој го носи Паладино. Разликата од минатата сезона е тоа што го немаме “италијанскиот штит“ (симболот за освоено скудето во минатата) и сега двете ѕвезди се наоѓаат на левиот ракав од дресот.

Заминаа четворица...

Првите четворица фудбалери кои го напуштија Јувентус се Канаваро, Ѕамброта, Турам и Емерсон. Оваа вест со жалење ја дочекаа сите фанови на Јуве а најмногу тренерот Дешамп кој се надеваше дека по објавувањето на Буфон, Недвед и Дел Пјеро дека остануваат, ќе премислат и неколку други фудбалери.


Ѕамброта во Барса...

Во потполност го разбирам заминувањето на Канаваро и Турам. Тоа се фудбалери кои веќе имаат 33 т.е. 34 години и ова беше последната шанса за нив да направат трансфер и да се натпреваруваат на врвно ниво барем уште 2 сезони. Канаваро беше со нас само 2 сезони во кои 2 пати го освоивме скудетото додека Турам одбележа една цела ера во одбраната на Јуве заедно со Буфон (кога дојдоа во пакет од Парма). Јасно беше заминувањето на Емерсон кој си замина онака како што и дојде: со Фабио Капело. Јас единствено сум разочаран поради заминувањето на Ѕамброта кој е еден од моите најомилени фудбалери. Тој во 7-те години поминати во Јувентус, од надпросечен крилен фудбалер се трансформираше во најдобриот лев бек во светот. Сепак, можам да ја разберам неговата потреба во најдобрите години од кариерата да игра на највисоко ниво (не во Серија Б) и зад своето име да остави што повеќе трофеи. Она што ме теши е фактот што замина во Барселона, мојата “втора љубов“ по Јуве :)


Божинов “се билда“

Во Торино пак, Дешамп и фудбалерите полека се подготвуваат за втората фаза од подготовките во која ќе се вклучат и фудбалерите кои ова лето настапија на Светското првенство. Од нив, сега за сега сигурни се само Буфон, Дел Пјеро и Недвед а освен нив, кружат информации дека Дешамп ќе успее да го убеди и Давид Трезеге да остане.

За крај, изјавата на Канаваро:
Тоа што четворица фудбалери на Јуве заминаа во Реал Мадрид и Барселона само говори за силата и класата на Јувентус. Овој клуб ме препороди и токму поради него ја имав честа да бидам капитен на репрезентацијата која го освои Светското првенство.
Forza Juve!


Technorati: Juventus, Канаваро, Турам, Ѕамброта, Емерсон, Дешамп, Реал, Барселона, Јувентус, Фудбал.

Буфон и Недвед остануваат!!!



Конечно добиваме една радосна вест од Торино во последниве 15-тина дена, а тоа е дека Џиџи Буфон и Павел Недвед решија да останат во тимот на Јуве и во наредната сезона. Во текот на вчерашниот ден, Дел Пјеро беше првиот кој објави дека откако разговарал со Недвед, Чехот му открил дека останува во Јувентус и во Серија Б. Подоцна, генералниот менаџер Алесио Секо заедно со агентот на Џиџи Буфон објавија дека Буфон останува во Јувентус!



Сепак, тоа не е се. Од Јуве заминуваат Фабио Канаваро и Емерсон - тоа е исходот на преговорите со Реал Мадрид. Јувентус и Реал се договорија за оштетата која ќе изнесува 20 милиони евра за двајцата и останува уште овие двајца да се вратат од летниот одмор и да преговараат со Реал Мадрид околу нивните договори. Јас искрено се надевам дека барем Канаваро ќе го одбие трансферот во Реал откако ќе дознае за останувањето на Буфон и Недвед покрај Дел Пјеро.


Technorati: Јувентус, Буфон, Недвед, Реал Мадрид, Канаваро, Juventus.

Затишје пред бура

До крајов на оваа седмица се очекува мало фудбалско затишје во Италија пред да се дознаат конечните пресуди за скандалот во Италија (оние по жалбите) и пред да започнат трансферите.

Она што е важно е дека во сабота наутро од 9:00 часот започнува прегледувањето на жалбите на клубовите (Јувентус, Милан, Фиорентина и Лацио). Според сите информации, можни се само мали намалувања или потврда на веќе постоечките казни. Лацио и Фиорентина се надеваат на враќање во Серија А, Јувентус се надева на скратување на минусот од бодови а Милан се надева на добивање некој бод плус од минатата сезона за да настапуваат во Купот на УЕФА.

Што се однесува до Милан, пред неколку минути само што излезе официјалната информација дека одбиено е барањето на Емполи за вонредна постапка за добивање лиценца за настап во Европа со што Милан (ако ситуацијата остане иста) ќе го добие правото да игра во Купот на УЕФА. Италијанските весници денеска ја прокоментираа оваа ситуација како грешка на тимот судии кој го водеше случајот бидејќи нивната идеја Милан да не настапи во Европа оваа сезона не била добро обработена. Како и да е, со среќа нека им е.

За нас најинтересна е изјавата на Дел Пјеро кој рече дека по разговорите со Павел Недвед, сигурен е дека Недвед останува во Јуве и следната сезона. Колку е ова сигурна информација не би можеле да знаеме, останува да почекаме и да видиме.


Најбаран фудбалер во Европа - Ѕамброта


За крај, топ-тема во Европа денеска е пристигнувањето на висока делегација на Барселона во Торино на преговори за трансферот на Ѕамброта, Турам и Трезеге. Барса е заинтересирана за сите овие фудбалери и најверојатно до доцна вечерва или утре изутрина ќе биде познат конечниот исход на преговорите. Со овој потег, Барселона ги изненади Челзи и Реал Мадрид и веќе за неколку часа се очекува новиот потпретседател на Реал, Предраг Мијатовиќ да пристигне во Торино и да преговара. Што се однесува до мене, мој омилен тим освен Јувентус е и Барселона па затоа би сакал фудбалерите да заминат во Барса...ќе видиме...

Маркиони: “Во Серија А за една сезона“ + нови дресови

По денешниот тренинг на тимот, пред медиумите официјално беше претставен Марко Маркиони како нов фудбалер на Јувентус. Маркиони доаѓа од тимот на Парма како слободен фудбалер и многу е веројатно дека тој ќе ја превземе улогата на Каморанези на десната крилна позиција откако овој ќе го напушти клубот.


Тој единствено истакна дека е пресреќен што конечно игра во голем клуб како Јувентус и во шега кажа дека сака во иднина да го замени Каморанези во репрезентацијата на Италија која ќе ја одбрани светската титула освоена во Германија ова лето.
“Сигурен сум дека го направив правилниот избор доаѓајќи во Јувентус. Лошо е што доаѓам во време кога Јуве мора да се натпреварува во Серија Б, но јас мислам дека тоа е шанса за нас да го докажеме квалитетот кој го имаме и уште по првата сезона да се вратиме во Серија А. Јас лично верувам дека имаме капацитет да не загубиме ниту еден натпревар и -30те бода нема да ни претставуваат проблем“ - беа зборовите на Маркиони.

За разлика од него, Дидие Дешамп во вчерашните изјави не беше толку оптимистички расположен. Тој најави дека можеби ќе ни требаат и две сезони за враќање во Серија А но истакна дека главен приоритет на тимот ќе биде да се победи на секој натпревар.

Тоа што можеби е поинтересно во моментов се новите дресови на Јувентус. Според најавите, дресовите би требало да изгледаат како на сликата, но ова сеуште не е официјална туку само предлог верзија на Најк.



Иако ова е интересен дизајн, мене лично не ми се допаѓа многу поради фактот што се нарушува традицијата која трае со години. Ќе видиме, ова сепак не е официјалната верзија на дресовите (овој од Виера најверојатно нема ниту да постои бидејќи Виера скоро сигурно заминува). Според последните информации, официјалното претставување на новиот дрес би требало да се случи околу 10ти август.


Technorati: Juventus, Маркиони, Дешамп, Јувентус, дрес, фудбал.

Анализа на ситуацијата!

Јувентус е во Серија Б. Како што кажав и претходно, јас лично ќе ја прифатам секоја одлука на судот како праведна казна за она што се случувало.

Читајќи ги комплетните пресуди, ми стана јасно (а треба да ви стане и на сите вас) дека оние кои најмногу губат се фановите, фудбалерите и клубовите. Тоа е она што ме иритира. Оние кои се најмалку виновни се најмногу казнети. За разлика од тоа, луѓето кои ги организираа сите овие нечесни игри (Моџи, Џираудо, Галијани, Дела Вале, Лотито, судиите, луѓето од федерацијата...) добија казни од најмногу 5 години забрана за работа во фудбалот.

Јувентус е во Серија Б со -30 бодови на стартот на следната сезона. Не се разочарувајте (или оние кои не се фанови: не се радувајте) бидејќи ќе бидеме назад во Серија А веќе идната година. Математиката вели дека доколку табелата во Серија Б изгледа исто онака како и минатата година, за 4-то место би ни биле потребни 69 бодови. Ова значи дека ние со нашите -30 ќе мора да освоиме 99 бодови во текот на сезоната. За да стигнеме до бројката од 99 бода, смееме да загубиме вкупно 27 бода во текот на целата сезона. Имајќи во предвид дека Јувентус загуби вкупно 13 бода во Серија А минатата година, реално е да се очекува дека во Серија Б ќе загубиме и помалку од 13 со што би имале шанси и за многу повисок пласман. Како споредба, Аталанта која беше прва во Серија Б имаше 81 бод што значи дека ако ние загубиме помалку од 15 бода во текот на целата сезона, ќе можеме да се надеваме на освојување и на повисока позиција.

Доста математика. Прашањето е кој ќе биде тимот со кој ќе се обидеме да го сториме ова? Прва работа која морам да ја расчистам за сите што не знаат е фактот што платите на фудбалерите во Јувентус нема да бидат намалени. Во текот на вчерашниот ден беше дадено до знаење дека сите фудбалери кои нема да сакаат да заминат од Јуве ќе си продолжат со истата плата како и минатата сезона а за сите оние кои ќе сакаат да заминат, Јуве ќе си бара соодветна финансиска оштета. Втора работа е што Јувентус иако е во Серија Б, сеуште го има најскапиот договор за откуп на ТВ-права во целиот свет. Овој договор исто така останува.

Денеска, тренерот Дешамп го одржува првиот тренинг со клубот. На тренингот имаа обврска да се појават сите фудбалери освен оние што настапија на СП 2006 во Германија.
Повикани беа:

Goalkeepers:
Landry Bonnefoi
Antonio Mirante
Matteo Trini

Defenders:
Federico Balzaretti
Giovanni Bartolucci
Alessandro Birindelli
Francesco Calanchi
Giorgio Chiellini
Nicola Legrottaglie
Andrea Masiello
Felice Piccolo
Andrea Rossi
Pietro Zammuto

Midfielders:
Paolo De Ceglie
Giuliano Giannichedda
Olivier Kapo
Andrea Luci
Marco Marchionni
Claudio Marchisio
Ruben Olivera
Matteo Paro
Cristiano Zanetti

Forwards:
Valeri Bojinov
Tomas Guzman
Raffaele Palladino
Giuseppe Sculli
Rey Volpato
Marcelo Zalayetа

Сите овие се појавија на тренингот и барем засега нема најави дека планираат заминување од Деле Алпи. Сите тимови од цела Европа се со погледите во Торино планирајќи шопинг но нема да поминат така евтино. Сепак, сеуште сме тимот со најмногу Светски шампиони во составот!



Technorati:Јувентус, СеријаБ, Фудбал, Скандал, Juventus.

Конечни пресуди!!!

Јувентус, Фиорентина и Лацио во Серија Б, Милан останува во Серија А - ова е конечниот исход од судењето на трите клуба во изминативе месец дена. Одиме детеално...

Според објавените пресуди кои се конечни, на Јувентус му се одземени последните две титули во Италија и во следната сезона ќе стартува во Серија Б со -30 поени на табелата!!!
Фиорентина и Лацио исто така ќе се натпреваруваат во Серија Б со тоа што Лацио ќе има -7 а Фиорентина -12 поени на стартот на новата сезона. Милан се спаси од деградирање но затоа доби казна во Серија А каде ќе стартува со -15 поени. Освен тоа, на Милан му се одземени 44 поени од изминатата сезона со што го губат учеството во Лигата на шампионите.

Тоа е тоа народе. Покасно вечерва планирам текст со посеопфатна анализа на ситуацијата.

Forza Juventus!!!
Technorati: Juventus, пресуда, СеријаБ, Фудбал.

Добредојде Дешамп!

Официјално, Дидие Дешамп е новиот тренер на Јувентус!!! Дешамп потпиша договор во траење од 2 години со што се враќа во Јуве, клубот каде што ги доживеа најголемите успеси како фудбалер.
Верувам дека сите го паметите, тој со Јувентус ги освои сите можни титули (Серија А, Куп на Италија, Суперкуп на Италија, Лига на шампиони, Суперкуп на Европа и Интерконтинентален Куп) а освен тоа, беше капитен на репрезентацијата на Франција која го освои Светското првенство 1998.
Дешамп е од генерацијата млади тренери а веќе зад себе има едно финале од Лигата на шампионите со Монако. Со оглед на комплетната реконструкција која се случува во тимот, јас верувам дека Дешамп е вистинското решение за ситуацијата, иако во принцип сум скептик кога неискусни тренери превземаат големи клубови. Сепак, Рајкард успеа со Барселона, Мурињо со Порто, Донадони со Ливорно беше 5-ти во Серија А (пред да се скара со газдата и да добие отказ)...
Освен ова, како што веќе најверојатно знаете, Чиро Ферара кој беше дел од стручниот штаб на Марчело Липи на ова СП, ќе работи како тренер на младинските категории а откако ќе се опорави од повредите при обидот за самоубиство, на радост на сите во клубот се враќа Џанлука Песото кој ќе ја има улогата на спортски менаџер и ќе му помага на Ферара со младинците.

Поддршка за Песото од Канаваро и Ѕамброта

Од трансферите, она што е потврдено засега се Кристијано Занети и Марко Маркиони. Практично сите фудбалери на Јувентус се поврзани со трансфери во други клубови, нормално поради ситуацијата со скандалот. Според раководството, Јуве ќе се обиде да ги задржи фудбалерите и да не ја продаде комплетната нивна сопственост т.е. да ги позајми во други клубови. Втора опција е да се продадат но во договорот да имаат клаузула дека Јувентус може да ги откупи по истата цена откако ќе се врати во Серија А и третата опција е комплетна распродажба и градење на нов тим кој подоцна во Серија А би се засилил со комплетно нови фудбалери.

Она што јас го посакувам од судењето чии резултати т.е. пресуди ќе бидат објавени утре (сабота) е барем ублажување на казната на Јуве која беше предложена. Се надевам дека нашите адвокати добро си ја завршиле работата.

Се читаме по објавувањето на пресудите.

Forza Juve!

Technorati: Juventus, Дешамп, Маркиони, Занети, Фудбал.

Campioni del Mondo!


Канаваро...


... Буфон...


... Дел Пиеро...

Репрезентацијата на Италија е Светски шампион!!! Со овој трофеј, сега Јувентус во составот има 5 фудбалери кои се официјално светски шампиони: Буфон, Канаваро, Замброта, Каморанези и Дел Пиеро. Сите овие настапија во финалето додека на спротивната страна настапија Турам, Виера и Трезеге. Од оние кои се најдоа на стадионот во двата тима, Инзаги, Липи, Зидан, Анри и Ферара се останатите кои некогаш во своите кариери настапувале за Јувентус.

Браво за Италија. Сега следува најтешкиот дел за нас фановите на Јуве... секој момент сум во исчекување за конечната разврска на судскиот случај против Јувентус...


Technorati: СП2006, Италија, Juventus, Фудбал.

Јувентус во финалето на СП!


Вечерва е финалето на Светското првенство и верувам дека сите фанови на Јувентус се горди бидејќи дури 8 фудбалери од нашиот клуб ќе бидат на Олимпискиот стадион во Берлин.

Буфон, Канаваро, Ѕамброта, Каморанези и Дел Пиеро се во составот на Италија, додека од спротивната страна, Турам, Виера и Трезеге се во составот на Франција. Освен овие 8-мина, Инзаги, Зидан и Анри се исто така некогашни фудбалери на Јувентус што доволно говори за големината на Јуве.

Мој фаворит е Италија и би сакал да победат со голот на Дел Пиеро :) Forza Azzuri!

Неправда!!!


Моџи ќе плати “дури“ 5.000 евра?!?

Јас сум фан на Јувентус, фан на Дел Пјеро, Недвед, Трезеге, Замброта, Канаваро, Буфон и т.н. Јас сум фан на тимот! Тимот кој го сакам уште од првиот момент кога почнав да го следам фудбалот. Исто така сум фан на Вардар, но го сакам тимот!

Во тек е судењето за големиот скандал во Италија и навистина се згрозив кога ги слушнав предлог-казните на спортскиот суд. Тоа што е предложено деградирање на Јуве во Серија Ц1 и деградирање на Милан, Фиорентина и Лацио во Серија Б не ме чуди толку многу... Си реков: “При волку ригорозни казни за самите клубови, колку ли ќе платат одговорните луѓе“. 5.000 евра??!!??!! Луѓе, Лучијано Моџи, Антонио Џираудо, Галијани, Лотито, браќата Дела Вале сите си поигруваа со нас и со нашата љубов кон тимовите правејќи циркус со фудбалската игра во Италија. И? Ќе платат најмногу по цели 5.000 евра па згора на тоа дури 3 години ќе имаат забрана за работа во фудбалот.

Клубовите кои им донесоа радост на милиони навивачи низ целиот свет, кои меѓу себе и против другите одиграа натпревари кои ни дадоа фудбалско уживање и спомени кои ги паметиме ќе бидат деградирани во понизок ранг на натпреварување а пак луѓето кои ги уништија овие клубови ќе платат казна што не е ни четвртина од нивните месечни телефонски сметки и по 3 години фудбалски одмор и можност да ги трошат милионите, повторно ќе можат да се вратат во фудбалот како ништо да не било.

Можеби ве зачуди почетокот на овој текст но поентата ми беше дека ние сме сите фанови на клубовите а не на луѓето кои раководат со нив. Верувам дека ретко кој навивач на Вардар го сака Борче Ристевски или Брацо Вујчиќ... Замислете по сите далавери со Вардар, тие да добијат казна по 5.000 евра а нашиот Вардар да биде казнет со играње во трета лига???

Јас сум ЗА да бидат казнети клубовите онака како што заслужуваат. Јас повеќе сакам Јувентус чесно да се врати во Серија А и да знам дека сопствениците ја научиле лекцијата и нема никогаш повеќе да помислат да прават нешто слично како сега. Но, кој од вас сака луѓето што ги уништија овие клубови и фудбалот во Италија воопшто некогаш да се вратат и повторно да работат?

Technorati: Јувентус, Моџи, Фудбал, Серија А.

Првични пресуди!!!!!!!!!

Јувентус во Серија Ц1, Милан, Лацио и Фиорентина во Серија Б!!! Тоа се казните кои спортскиот трибунал ги предложи по првото сослушување на претставниците на тимовите. Доколку одбраните и жалбите на Јуве, Милан, Лацио и Фиорентина не успеат, идната година Серија А ќе биде без овие тимови.

Главниот судија предложи деградирање на Јувентус во Серија Ц1 и старт на идното првенство во Ц1 со 6 бодови помалку. За Милан, Фиоренита и Лацио беше предложена казна од деградирање во Серија Б и старт на сезоната со цели 15 бода помалку!!!

Ова се првичните информации кои само што искочија во јавноста, подоцна во текот на денешниот ден ќе пишам детално за сите случувања.

Исто така, од денеска Фабио Капело не е повеќе тренер на Јувентус. Тој поднесе оставка, т.е. побара да биде отпуштен од должноста за да може (најверојатно) кариерата да ја продолжи во друг клуб (Реал Мадрид). Подоцна ќе има повеќе и за Капело.