Старт на судењето


Денеска на стадионот Олимпико во Рим започна големото судење за скандалот во Италија. Скандалот некои го нарекуваат Калчополи или Моџиополи, како и да е, треба да добие конечна разрешница во наредниве 30-тина дена.

Не е спорно дека Јувентус е клубот кој е во центарот на вниманието. Сепак, мора да се има трпение и да се видат доказите кои обвинителите ги имаат и против останатите 3 вмешани клубови. Последната изјава на обвинителството беше да не се прави непотребна “фрка“ во медиумите околу целата ситуација и да се известува објективно. Јувентус е клубот за кој доказите поради грешка во истрагата “протекоа“ во медиумите. На обвинителната клупа ќе има и претставници на Милан, Фиорентина и Лацио.

Сопствениците на Јувентус ќе ја базираат својата одбрана на фактот дека Лучијано Моџи и компанија работеле за своја лична корист и заработувачка. Милан ќе се брани на сличен начин со тоа што воедно ќе се претстават себеси како жртви на овој систем а не учесници. Кај Фиорентина и Лацио ситуацијата е за нијанса посериозна бидејќи на обвинителна клупа ќе седнат самите сопственици кои се обвинети за вмешаност, така што тие нема да можат да кажат дека “не знаеле“ бидејќи тие се обвинетите.

Покрај клубовите, обвинети се уште 29 поединци меѓу кои претставници од клубови, од федерацијата и судии. Целиот судски процес не е криминален туку спортски. Значи, учесниците се товарат за “спортска измама“ за која доколку бидат осудени за виновни ќе мора да одговараат и пред цивилен суд бидејќи спортската измама во Италија е криминално дело.

За поединците на обвинителната клупа можни се казни: од парична, преку времена суспензија од спортот се до доживотна суспензија.
Клубовите можат да бидат обвинети на 3 начина:
1. Дека се директно вмешани - за што ќе следат најголеми казни (испаѓање од лига и сл.)
2. Индиректно вмешани - за што следува одземање на бодови од следната сезона (од 3 до 30 бода)
3. “Неинформирани но вмешани“ - за што следува парична казна (ова е пресуда која ќе значи дека клубовите се виновни како институција, но не можеле да сторат ништо за да ги спречат случувањата).


Тоа е тоа, ќе се обидувам секојдневно да ви правам update на случувањата.

Juventus per sempre!

Technorati:Јувентус, Калчо, Фиорентина, Милан, Лацио.