Каде е грешката?

Како што сите знаеме, Јувентус е елиминиран од Лигата на шампионите во четврт-финалето и тоа со вкупен резултат 2-0 против Арсенал. Не би сакал да навлегувам во деталите од натпреварот бидејќи мислам дека сите го гледавте и знаете што се случуваше.

Би сакал да направам една подетална анализа за тоа каде работите тргнаа на лошо, т.е. каде е причината за неуспехот на Јуве во ЛШ (за Арсенал и самото четврт-финале до вчера беше најголем успех).

Според мене, работите тргнаа на лошо уште пред отприлика еден месец кога на два натпревари по ред, Каморанези беше изваден од игра во моменти кога беше еден од најподготвените на теренот. Идејата на Капело беше јасна: 1. Да се штеди Каморанези од дополнителни напори на веќе добиени натпревари и 2. Да се одржи формата на Адриан Муту кој оваа сезона настапуваше како замена и по левата и по десната крилна позиција. Капело не е тренер кој има историја на конфликти со фудбалерите, напротив, тој беше единствениот кој успеа да има нормален однос со Антонио Касано. Од тука, нервозата на Каморанези беше доста нејасна. Таа нервоза предизвика пад во неговата форма и кулминираше на првиот натпревар во Лондон по што заслужено си заработи парична казна.

Вториот дел од проблемот е Златан Ибрахимовиќ. Да се разбереме, Ибра е извонреден напаѓач и иднината на светскиот фудбал. Со само 23 години тој веќе прераснува во еден од најдобрите фудбалери. Има игра со глава, неверојатна техника, корпулентен е и брз. Сепак, лошиот финиш на акциите и на моменти себичноста направија неговата форма да тоне по надолна линија во текот на сезоната. Во еден разговор со Горан Пандев пред неколку недели, дознав дека тој самиот многу повеќе сака да игра зад напаѓачите отколку да биде оној од кого се очекуваат голови. Тој ми објасни дека во Италија притисокот врз напаѓачите е огромен и дека 3 до 4 натпревари без постигнат гол веќе предизвикуваат негативни реакции од јавноста. Со неефикасноста, Ибра стана сеир-мета на медиумите и на навивачите и се надевам дека тоа ќе се промени идната сезона. На двата натпревари со Арсенал (со исклучок на неколку добри потези на реваншот) тој делуваше отсутен од натпреварот.

Третиот дел од проблемот кој предизвика елиминација е Патрик Виеира. Тој и Емерсон одиграа неверојатна сезона заедно. Сепак, Виеира како да не можеше да се снајде на “својот“ стадион против “својот“ тим. Имав пречуство дека такво нешто ќе се случи, слично како Луис Фиго кој не успеа ниту еднаш да одигра добар натпревар на Ноу Камп по напуштањето на Барселона. Кога ќе се земе целата сезона во предвид, никој нема право да го критикува Виеира. Тој сеуште е еден од најдобрите фудбалери на планетава и еден од најзаслужните за успехот на Јуве во Италија оваа сезона (се надевам дека нема да се случи нешто неочекувано па да имаме проблеми и во Серија А).

Ова се само дел од проблемите со кои се соочува секој тим. Јавна тајна е дека Шевченко е скаран со Анчелоти како и Манчини со Адриано. Јавна тајна е дека Михајловиќ е шпиун на Манчини во соблекувалната и ги “таста“ оние кои зборат лошо за него. Тоа се работи кои се “зад сцената“ но кои им се добро познати на сите. Некои тимови и фудбалери успеваат да ги остават проблемите зад себе кога излегуваат на теренот, некои не успеваат.

Каморанези не успеа да ја остави нервозата надвор од Хајбери и да се обиде да го направи она што најдобро го знае на теренот. Зебина во ниту еден од малкуте натпревари оваа сезона не успеа да покаже дека заслужува подобар договор со Јуве. Сите знаеме дека е нервозен поради тоа што Капело не смета на неговите услуги, но наместо со груби стартови врз противниците, требаше да се докаже со стабилна и цврста игра во одбраната која ќе му го обезбедеше и толку посакуваниот нов договор. Виеира не успеа да го игнорира фактот дека треба да му се спротистави на тимот чија главна фигура во последните 10 години беше токму тој. Киелини, Балцарети, Муту и Џаникеда не успеаја да се покажат кога најмногу требаше. Имаа свои блескави изданија против просечни противници во текот на сезоната но потфрлија кога требаше да го докажат својот потенцијал да бидат фудбалери од првиот тим на Јувентус. Затоа, ќе поминат уште барем една сезона во споредни улоги.

За крај, имаме добар костур на тимот. Канаваро и Турам се способни уште една сезона да играат во најдобра форма но време е да се доведе и некој нов дефанзивец кој пополека ќе почне да го превзема местото на овие двајца пред Буфон. Замброта е еден од најдобрите (ако не и најдобар) странични бекови во светот. Тој најдобро се снаоѓа на левата позиција што значи дека очајно ни треба еден квалитетен десен бек. Верувам дека Виеира и Емерсон ќе одиграат уште една добра сезона заедно, со тоа што Капело и Моџи би можеле да размислат да доведат некои нови засилувања во тој дел од теренот бидејќи јас лично не сум импресиониран од изданието на Џаникеда и Бласи. Каморанези конечно ќе добие конкуренција на десната крилна позиција и тоа Марко Маркиони. Недвед ќе ја игра својата последна сезона по левата страна на Јуве и очекувајте дека Муту или некое ново засилување ќе добијат многу поголема шанса со оглед на физичката подготвеност на Недвед. Јас лично сум задоволен од напаѓачкото трио Дел Пиеро - Трезеге - Ибра. Трез е неверојатно ефикасен оваа сезона. Дел Пиеро е Дел Пиеро, додека оптимист сум дека Ибра ќе се врати во старата препознатлива форма.

Форца Јувентус!!!

Сликата говори :)

Тоа е тоа: вечерва не очекува натпреварот на сезоната за Јувентус. Пред нас е голем предизвик - да го победиме Арсенал со 2 гола разлика (или 3 доколку и тие постигнат гол). Ќе ни треба чудесно издание на Јувентус со оглед на моменталната форма на Арсенал. Како и да е, јас сум оптимист. Во џеб го имаме скудетото и немаме што да загубиме на овој натпревар. Ќе ни треба играта со која 2 пати го елиминиравме Реал последниве години, играта со која ја елиминиравме Барса во гости (златниот гол на Залајета), едноставно ќе ни треба најдобрата игра оваа сезона. Тоа е тоа. Се читаме по натпреварот.

П.С.
Честитки до Миланезите за победата над Лион. Многумина ќе речат среќа, но фудбалот се игра 90 минути. Не играа најдобро но победија и сега се во полу-финале. Сочуство до фановите на Интер. Тоа што се елиминирани од еден просечен клуб доволно ќе им посочи дека проблемите се во самиот тим: фудбалерите и тренерот (а не во некој “светски заговор“ против Интер).