Време е...

Се приближува моментот. Утре со почеток од 20:30 Јуве гостува на Сан Сиро на првото дерби оваа сезона (она со Интер не го земам во предвид со оглед на тоа каква екипа е Интер – како Беласица Герас Цунев станале!). Премногу се возбудувам кога ќе помислам на утрешниот натпревар па така не сакам многу да прогнозирам што и како ќе биде. Кај Јувентус сеуште е неизвесен настапот на Виеира во првиот тим додека кај Милан, денеска е потврдено дека Малдини ќе игра а најверојатно до утре вечер нема да се знае дали и Шевченко ќе биде целосно подготвен за настап. Со оглед на моменталната состојба на табелата, ова е must-win натпревар за Милан. Доколку останеме непоразени на Сан Сиро, тешко дека барем до полу-сезоната некој ќе не симне од врвот. Ако Милан победи, тоа ќе биде најава за една екстремно возбудлива сезона, а доколку не успее да победи, нема да им биде убаво:)

Како и да е...малку го запоставив блогов деновиве, ама многу бев зафатен. Загубивме од Баерн, но поставивме нов РЕКОРД во Серија А со 8 победи во првите 8 натпревари. Ова би требало да влијае дополнително на самодовербата на фудбалерите.

Јас сакам победа! Колку само тоа убаво звучи: Јуве два пати по ред го победува Милан на Сан Сиро! Ајде да видиме...минатата сезона си освоивме титула на гости а си ја фатив 2-ка сингл во кладилница:)

Да видиме што ќе биде сега.... Forza Juve!!!

Вечерва: Баерн Минхен – Јувентус

Вечерва е можеби најбитниот натпревар во фазата по групи во Лигата на Шампионите. Јувентус му гостува на Баерн Минхен и двете екипи со максимален ефект досега во Лигата на Шампионите. Победа за било која од двете екипи (посебно за Јуве) би значела скоро сигурно освојување на првата позиција во групата. Капело денеска истакна дека овој натпревар ќе биде досега најтежок во новата сезона и веројатно е во право. Посебно ако се земе во предвид дека Виеира нема да може да настапи. Јувентус ќе ја брка 10-тата победа во 10-тиот натпревар во новата сезона. Вечерва ќе видиме дали овој факт ќе биде и мала психолошка предност за Јувентус, како и фактот што Баерн го загуби првото место во Бундес лигата овој викенд па сигурно ќе оди на победа против Јуве. Позитивни вибрации за натпреварот против Баерн имаме уште од минатата сезона кога на два пати славевме со по 1-0. Голот на гости го постигна Дел Пиеро кој и деновиве се наоѓа во одлична форма која се надеваме дека ќе ја задржи. Значи вечерва, 20:45 часот, Алианц Арена – Минхен: Баерн Минхен – Јувентус. Дуел на најтрофејните клубови во Германија и Италија. Не пропуштајте! Forza Juve!

Јувентус – Месина 1:0

Јувентус очекувано продолжи со победничката серија во новата сезона, совладувајќи ја екипата на Месина на домашен терен со 1-0. Голот го постигна капитенот Дел Пиеро за кого ова е трет погодок во Серија А сезонава и веќе трет натпревар во низа на кој игра одлично (2 за Јуве и еден за репрезентацијата). Доколку Дел Пиеро успее да ја задржи оваа форма во текот на сезоната, тогаш црно им се пишува на сите противници ја Јуве. Натпреварот беше просечен. Јуве настапи без Каморанези во првиот тим (на негово место играше Муту), без Виеира (кој е повреден и ќе се врати на терените пред натпреварот против Милан на крајот на овој месец, Џаникеда го заменуваше) и без Зебина (на неговото место играше Песото). Абијати веќе подолго време го заменува Буфон, додека Дел Пиеро влета во првиот тим на местото на Трезеге. Јуве имаа повеќе од шансите во текот на натпреварот, но сепак искористија само една. Ова беше доволно за победа но неефикасноста можеше во неколку наврати во финишот на мечот да им се одмазди. Среќа што одбраната е на ниво. Ова коло и Милан и Интер славеа победи по што бодовната разлика е иста: Милан има -5 бода а Интер -6. Пофалби за добрата игра на Муту кој уште еднаш докажа дека Капело може да смета на него во секое време. Според мене, единствено Џаникеда не заслужи преодна оценка (со оглед на нивото на кое играше неговиот партнер во средината Емерсон). Сепак, човекот ќе има шанса да се докаже на наредните 3-4 натпревари кои Јуве ќе ги игра без Виеира и се надевам дека ќе докаже дека е достојна замена за французинот и дека може да се смета на него во текот на сезоната.

Јувентус – Партизан ?

Дали сте знаеле дека екипите на Јувентус и Партизан од соседна СиЦГ се “братски екипи“. Да, да... Пред незнам колку години (сигурно пред повеќе од 20-30 години) екипата на Партизан не играла во денешните официјални бои (црно-бела) туку во тогашните и оригиналните бои на клубот (темна црвена со темно сина мислам дека беше). Тогаш Партизан бил во големи кризи и на помош се нашол тимот на Јувентус кој како поклон/донација испратиле во Белград неколку комплети дресови за првиот тим – тоа биле дресовите на Јувентус (црно-бели) со мали измени (наместо логото на Јуве, стоело логото на Партизан). Оттогаш, екипата на Партизан ги има прифатено овие бои и со тек на време тие станале официјални. Инаку, имало интересна ситуација ова лето во USA. Јувентус беше на тура во Америка и таму требаше да одигра пријателски натпревар против Црвена Ѕвезда (кој подоцна не се одигра), а јас на некој од веб-сајтовите на Партизан начекав официјален повик од клубот до сите свои навивачи кои се во Америка и Канада да отидат на натпреварот Јуве-Ѕвезда и да ја дадат својата поддршка за “братски“ Јувентус.

Интересно нели?

Јуве – Интер 2:0, Непобедливи!

Екипата на Јувентус славеше голема победа над Интер вчера вечер во дербито на Италија. Со головите на Трезеге по одличниот слободен удар на Ибрахимовиќ и на Недвед од слободен удар, Јуве успеа да прокнижи нови три бода и да остане со 100% учинок во новата сезона во Серија А и во Лигата на Шампионите. Натпреварот беше интересен, Јувентус доминираше во првото полувреме, додека во второто, успешно се одбрани од нападите и иницијативата на Интер. Одбраната уште еднаш се покажа доста стабилна а средниот ред креативен, додека нападот беше ефикасен. Интер играше слабо во првиот дел, но во второто полувреме доколку беа поефикасни можеби резултатот ќе беше поинаков. Факт кој радува е и одличното издание на Абијати на голот кој одбрани неколку доста тешки удари и доколку ја задржи оваа форма до декември кога ќе се врати Буфон, отсуството на Џиџи нема ни да се почувствува. Јувентус со оваа победа постави нов клупски рекорд со 6 победи по ред во првите 6 кола од сезоната. Јуве останува на лидерската позиција со 5 бода предност пред Фиорентина и Милан, додека Интер сега заостанува цели 6 бодови.

За крај и изјавите на Капело и Манчини.

Екипата покажа голема желба и волја за победа. Покажавме дека сме одлично подготвени како на тактички и технички план така и на карактерен план. Бевме доволно добри и ги искористивме шансите кои ни се укажаа по слободните удари. Јувентус вечерва покажа голем карактер, решителност и волја да се влезе во дуел и да се освои секоја можна топка. Можеби најважно од се е што покажавме одличен тимски дух.

Жал ми е што Јувентус беше екипата со голема решителност во текот на натпреварот – токму она кое на нас ни недостасуваше. Ова беше еден од оние натпревари кои морате да ги започнете многу цврсто но ние не направивме така. Доколку во второто полувреме постигневме барем еден гол, тогаш ќе беше сосема поинаква приказна, сепак немавме многу среќа во финишот на акциите. Искрено, не одигравме добар натпревар.