Најдобриот тим на сите времиња!

Пред неколку дена на официјалниот сајт на Јувентус беа објавени резултатите од една интересна анкета/гласање. Се гласаше за најдобриот тим на сите времиња на Јуве. За одбележување е што дури 4 фудбалери од моменталниот состав влегоа во овој тим. Одиме со ред:
Голман:
Буфон - кој друг? Најскапиот голман на сите времиња а богами и најдобриот (за ова мислам ќе се сложат и оние анти-јуве фанови)
Одбрана:
Лев бек: Замброта - човекот е неверојатен. Според мене, најдобриот фудбалер на Јуве изминативе 2 сезони. Неверојатно е како успеа (под водство на Липи) од десен крилен фудбалер да се преадаптира во лев бек! Најсестран фудбалер во моментов на планетата. Може да игра како крило (лево/десно), бек (лев/десен) како и полушпиц.
Десен бек: Џентиле - за Џентиле имам слушнато од татко ми. Знам дека татко ми го носел прекарот Џентиле кога играл фудбал порано поради тоа многу дриблал :)
Централни бекови: Ферара и Скиреа - двајца слични фудбалери. Целиот живот го посветиле на Јувентус. Легенди на фудбалот во Италија.
Среден ред:
Каузио, Дешамп, Тардели - Каузио е од многу порано, така што не сум имал можност да дознаам нешто повеќе за него. Дешамп сосема заслужено влегува во овој дрим-тим: капитен на својата репрезентација на патот кон титулите за Европски и Светски шампион. За Тардели исто така не знам нешто повеќе освен дека беше тренер на Интер пред неколку сезони и дека работи со младинските репрезентации на Италија.
Полушпиц:
Платини - легенда на фудбалот во Италија, Франција, Европа и Светот! Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња!
Напад:

Дел Пиеро и Ибрахимовиќ - За Дел Пиеро нема што да се зборува. Најдобар стрелец во историјата на Јувентус со 183 гола. Целата кариера ја помина со Јуве освојувајќи се што може да се освои. Ибрахимовиќ - тој е сигурно најчудниот од сите на листата. Иако е во Јуве само втора сезона, стана омилен кај фановите и за чудо си обезбеди место во овој дрим-тим. Само се надевам дека ќе ја оправда довербата на фановите во годините кои следуваат.

Тренер: Марчело Липи - иако на Капело му оди одлично со Јуве, Липи е тренерот кој најмногу го почитувам. Очекувам голем успех на Италија на Светското Првенство под негово водство.

Јувентус - Сиена 2:0

Победнички крај на една победничка година за Јувентус. Совладан е тимот на Сиена со 2-0. Гостите на Деле Алпи немаа ниту една сериозна шанса за гол, додека своите шанси ги искористија Канаваро и Трезеге (15-ти гол оваа сезона! втор на листата на стрелци) во првото полувреме. Во остатокот на натпреварот беше сомнително поништен еден гол на Дел Пиеро, додека Муту пропушти две а Златан една добра прилика за победата да биде уште поубедлива. Како и да е, 3 бода на нашето конто со што ја завршуваме полусезоната на врвот на табелата со 8 бода пред Интер и 9 бода пред Милан! Одлично! Ќе следува еден review на целата 2005 година за Јуве во наредниве денови.
Forza Juve!

Ова е тимот за кој почнав да навивам

Ова е тимот за кој почнав да навивам пред 10-тина години. Еве ја сликата, па кој се сеќава - се сеќава...
Горе стојат: Ферара, Колер, Раванели, Јарни, Перуци.
Доле клечат: Фоса (на овој баш и не се сеќавам), Ди Ливио, Такинарди, Дешамп, Вијали (со коса!) и Дел Пиеро.

Закон!

Браво Капело!!!

Фабио Капело денеска за медиумите даде една интересна изјава. Имено, изминативе десетина дена, Роберто Манчини, Масимо Морати, Карло Анчелоти и голем дел од фудбалерите на Интер и Милан главно зборуваат за тоа како можат да го стигнат Јувентус, дека се убедени дека Јуве нема да остане на врвот до крајот, дека трката за титулата не е завршена бла бла бла... Не дека велам дека скудетото веќе е во наши раце, но најубаво им одговори Капело:
Интересно ми е кога ги слушам сите овие луѓе како си прават замислени табели и зборуваат како веќе да не престигнале на врвот на табелата. Тие изјавуваат дека е сигурно дека ќе не поминат на врвот, но јас лично, иако велат дека “сигурно“ ќе не престигнат, мислам дека подобро е ние да сме на врвот а другите да не бркаат отколку обратно. Ние сме смирени. Ни одговара таквата атмосфера. Ако можат, нека повелат и нека не симнат од врвот!
За оние кои не знаат. Откако Фабио Капело дојде на чело на Јуве минатата сезона, Јувентус ниту еднаш не беше симнат од врвот на табелата. Сега имаме 8 бода предност пред Интер и 10 бода предност пред Милан. Уште еден статистички податок: Капело не испуштил предност од 8 бода со било која екипа која ја тренирал до сега!

Нерешено во Рим, на ред е Сиена

Малку каснам но еве ме. Јувентус одигра нерешено на гостувањето против Лацио во Рим 1:1. Натпреварот беше израмнет и нерешениот резултат е реална слика за случувањата на теренот. Лацио поведе по катастрофалната грешка на Турам кој практично им го поклони голот (кој го постигна Роки) но само 10 минути подоцна Трезеге израмни со глава по асистенцијата на Недвед. И двата тима имаа уште по неколку зрели прилики за водство но сепак голманите беа на висина на задачата. Кај Јуве најубавата можност ја имаше Трезеге откако доби прекрасна топка (во стилот на асистенциите на Роналдињо) од Ибрахимовиќ. Иако сум фан на Јуве, искрено жалам што Горан Пандев не ја искористи својата шанса во финишот на натпреварот кога доби топка во петерецот на Абијати но беше свртен со грбот накај голот и се сплетка по што му беше одземена топката. Како и да е, утре не очекува последниот натпревар пред паузата во првенството и тоа против Сиена на Деле Алпи. Очекуваме сигурна победа со што триумфално ќе ја заокружиме 2005 година која беше одлична за Јуве (ќе напишам еден пост новогодишен). Потоа следува пауза до 7-ми јануари, датум кој со нетрпение го очекувам поради најавеното враќање на Џиџи Буфон на голот.

Лацио - Јувентус

Новиот предизвик е на гости во Рим против Лацио. Овој натпревар е далеку од оние дерби средби пред 2-3 години но сепак, колку и да Лацио не е веќе онаа силна екипа, ќе биде доста незгоден натпревар за Јуве. Капело вечерва ќе истрча со првиот состав и нормално одиме на 3 бода. Единствен повреден е Буфон кој ќе паузира и на следниот натпревар против Сиена а ќе се врати на голот најверојатно во јануари на првиот натпревар во 2006 против Палермо. Канаваро се враќа во првиот тим откако ја санираше повредата што значи дека Ковач ќе се пресели на клупата. Исто и кај Лацио, Делио Роси ги има на располагање сите фудбалери па се очекува да започне или со стандардната формација со 2 шпица (Ди Канио и Роки) а според последните најави можно е и Пандев да влета во првиот тим како полушпиц позади овие двајца. Сеедно, очекувам лесна победа на Јуве, мислам дека во оваа форма во која се наоѓа тимот нема да биде проблем да се совлада оваа година просечниот Лацио.
Се надевам и дека Пандев ќе даде гол (исто како минатата сезона на Деле Алпи).
Значи, сабота, 20:30, Олимпико во Рим, Лацио - Јувентус.
Има пренос на Телма за сите што сакаат да гледаат.

Јувентус против Вердер Бремен!!!

Јувентус го доби тимот на Вердер како противник во 1/8-финалето од Лигата на Шампионите. Вердер е противник “по мерка“ и можеме да бидеме задоволни од ждрепката поради фактот што можеше да бидеме извлечени и против доста потешки противници отколку Вердер. Првиот натпревар го играме на гости што исто така е предност (ова е бидејќи бевме победници во групата).

Во останатите натпревари, најинтересни ќе бидат сигурно Челзи - Барселона и Реал - Мадрид - Арсенал. Милан за противник го доби Вердер Бремен а Интер ќе игра против Ајакс. Шампионот Ливерпул за противник ја доби Бенфика а Ренџерс ќе играат против Виљареал.
Ги имаме натпреварите, останува до февруари да почекаме за нови возбудливи дуели од Лигата на Шампиони.

Џиџи малерот! :(

Најдобриот голман во светот се соочува со уште едно одложување на неговиот кам-бек. Буфон требаше веќе викендов да се врати како број 1 голман на Јуве но на денешниот тренинг заработи нова повреда по што е веќе извесно дека нема да има ниту еден настап до Нова Година. Буфон кој се повреди на мечот со Милан во Берлускони Купот пред стартот на сезоната при еден судир со Кака беше подготвен да се врати и веќе одигра еден натпревар за Јуве - во Купот на Италија на гости против Фиорентина пред две недели. На денешниот тренинг си го повредил палецот од ногата па така нема да може да настапи против Лацио на гости и против Сиена дома. Неговото враќање сега е закажано за 7 јануари на натпреварот на гости против Палермо. Дотогаш на голот останува Абијати кој се покажа солидно во досегашниот тек на сезоната (прими само 8 гола на 15 натпревари) но направи и 2-3 киксови, што сепак може да му се простат.
Ајде Џиџи враќај се!!!

Шпекулации

Ајде малку шпекулации. Си ветив дека нема да пласирам вакви работи на блогов но ова е од проверени извори, така да може да се смета 99% како вистина. Вили Сањол од идното лето ќе биде нов играч на Јуве. 28-годишниот Сањол е вториот играч на Баерн во две сезони кој ќе ја засили одбраната на Јувентус. Добрата работа е тоа што Сањол доаѓа како слободен играч и нема да платиме ниту едно евро за неговиот трансфер. Фактот што Јуве им “краде“ двајца фудбалери за две години без никаква оштета ги налути раководните луѓе на Баерн кои го обвинија Лучијано Моџи дека работи како мафијаш...на ова Моџи само се насмевна и им порача да не се фрустрираат и да се грижат подобро за своите фудбалери. Браво за кул реакцијата на Моџи!Друг можен трансфер за кој многу се зборува е оној на напаѓачот на Бока Јуниорс - Родриго Паласио. Младиот Паласио е вистинско откритие на сезоната во Аргентина постигнувајќи 10 голови за Бока во домашното првенство и 5 во Копа Судамерикана. Паласио (21 година) е еден од напаѓачите кои се на врвот на списокот за пат во Германија на Светското Првенство како дел од репрезентацијата на Аргентина. Сепак, јас не би се возбудувал премногу бидејќи според мене ова е еден нереален трансфер (и непотребен со оглед на напаѓачката сила на Јувентус во моментов). За тоа доволно говори дека истата сума како и Јувентус (околу 6 милиони евра) е подготвена да ја плати и Барселона, па се знае дека Шпанија е омилената дестинација во Европа на фудбалерите од Јужна Америка.

Лесно против Каљари, 10 бода предност!

Јувентус со рутинирана победа над Каљари (4-0) се задржа (нормално) на чело на табелата во Серија А, сега со 10 бодови предност пред Фиорентина и Интер и 11 бодови пред Милан.
Недвед ја отвори серијата голови откако топката се одби во неговите нозе по ударот на Трезеге. Самиот Трезеге подоцна стапи на сцена постигнувајќи 2 гола (по асистенциите на Муту и Недвед) а имаше шанси и за хет-трик, но неговиот удар кој се одби од еден од гостинските фудбалери беше заведен како авто-гол. Со овие 2 гола, Трезеге има 13 - само 3 помалку од Лука Тони од Фиорентина кој има 16 на врвот на листата на стрелците. Следниот викенд не очекува тешко гостување против Лацио и Горан Пандев на Олимпико во Рим.

Инфо плус: Интер конечно победи против Милан во градското дерби (3-2) што ни одговара. Горан Пандев постигна прекрасен гол за Лацио откако влезе на местото на Ди Канио - 4ти гол оваа сезона. Со голот на Пандев, Лацио израмни но сепак прими уште еден гол и загуби. Посакувам исто како и минатата сезона Пандев да даде гол за Лацио против Јувентус но Јуве да победи :)

8 бодови


Конечно со нов дизајн на блогов (фала за Шепард). Сезоната продолжува...она што пропуштивме деновиве е победата на Јуве во дербито против Фиорентина, со што (по поразот на Милан од Киево) сега имаме 8 бода предност на чело на табелата. Тука одма иде и статистичкиот податок кој вели дека Фабио Капело досега со ниеден тим не прокоцкал водство од 8 поени на чело на табелата и во таа сезона станувал шампион...супер!
Друга работа е освојувањето на првото место во Групата А од Лигата на Шампионите. Победивме на гости против Рапид Виена со 2 гола на Дел Пиеро (еден од слободен удар, прекрасен) и еден на Ибра. Со овие 2 гола, Дел Пиеро стана најдобриот стрелец во историјата на Јувентус. Браво легендо!
Следуваат викенд-натпреварите. Ние играме дома против Каљари, и се очекува лесна победа за потоа релаксирано да го следиме дербито во Милано меѓу Интер и Милан. Ќе ми се направи мерак ако победи Интер и по којзнае колку време ќе биде пред Милан на табелата...
Forza Juve!

Чекам темплејт

Чекам да ми стигне новиот темплејт...го нарачав кодот, сега е на граница, уште да го царинат и ќе го интегрирам на блогов. Дотогаш малку пауза...

Coppa Italia

Јувентус се избори за нерешен резултат на првото од двете гостувања во Фиренца оваа недела. 2-2 заврши натпреварот кој е прв во двобојот меѓу Јуве и Фиорентина во Купот на Италија. Натпреварот беше многу чуден бидејќи беше прекинат одреден период. Причината беше тоа што огромна маса на чад (солзавец) се спушти на теренот, а беше предизвикана од солзавецот кој полицијата надвор од стадионот го користела за да ја спречи масовната тепачка меѓу навивачите на Фиорентина и Јуве.
И Капело и Прандели се решија да ги одмараат клучните играчи, па така во првиот состав на Јуве беа Песото, Бласи, Балцарети, Џаникеда а нападот го предводеа Дел Пиеро и Залајета. Откако Јуве губеше со 2-0, на Капело процени дека тој резултат е преголем да се стигне во реваншот па во игра ги уфрли Недвед, Ибрахимовиќ и Емерсон по што Јуве преку головите на Песото и Муту израмни.
Најважно од се е што Буфон се враќа на голот. Одигра солидно иако прими два гола, ниеден по негова вина (првиот беше по грешката на Турам).

Сега следува она поважното - натпреварот во недела повторно на Артемио Франки но овој пат во борба за 3-те бода во Серија А.

ЈУВЕНТУС АРЕНА!!!

Конечно дојде моментот кога Јувентус ќе заигра на стадион каков што му доликува на најголемиот клуб во Италија. Од месец мај 2006 па се до стартот на сезоната 2007/2008 ќе се реновира Деле Алпи, еден од најлошите стадиони во Италија, па и во Европа. Игралиштето на Деле Алпи е рекордер во оддалеченост од трибините во Европа. Стадионот е многу оддалечен од градот Торино и потребно е околу еден час и 30 минути возење со кола за да се стигне до таму. Тоа е и главната причина поради која освен трибините зад двата гола каде што навивачките групи, остатокот од стадионот е скоро празен на сите натпревари.

По реконструкцијата, Деле Алпи ќе го промени своето име во ЈУВЕНТУС АРЕНА. Ова ми се допаѓа. Ќе биде изградена директна железничка линија од центарот на Торино до новата Јувентус Арена со што ќе се стигнува на стадионот за помалку од половина час. Капацитетот поради доближувањето на трибините до игралиштето ќе биде намален на околу 45-50 илјади гледачи. Идната сезона, Јувентус ќе настапува на поранешниот свој стадион - Комунале кој се наоѓа ВО Торино и тогаш ќе видите навистина колку навивачи има Јуве. Сите фанови во Торино жалат бидејќи клубот игра далеку од градот и со голема еуфорија беше дочекана веста дека Јуве се враќа на Комунале барем за една сезона.

И понатаму на врвот...

Со победата против Тревизо од 3-1 и понатаму остануваме на врвот на Серија А. Што да се каже за натпреварот, гостите изненадија со водството но веќе пред полувремето Јуве ги превзема работите во свои раце. Во второто полувреме на сцена стапи Дел Пиеро кој имаше 3-4 одлични шанси и постигна гол, 4-ти во серија за него на последните натпревари. Тоа е одлично....следува натпреварот против Фиорентина во Купот на Италија во четврток и повторно против Фиорентина во Серија А во недела (и двата натпревари ги играме на гости).