Прва победа + жалба
Новиот претседател на Јувентус, Giovanni Cobolli Gigli (сеуште не сум сигурен како се изговара неговото име, ако некој знае италијански нека каже) беше на трибините да го проследи првиот натпревар по неговото назначување на чело на Јувентус. Тој ја искористи приликата да упати и порака до фановите: “Ова се тешки времиња за Јувентус и ни треба вашата поддршка повеќе од било кога. Сите наши одлуки и потези се наложени од ситуацијата во која се наоѓаме и верувајте дека правиме се што можеме за да создадеме победнички Јувентус. Оние фудбалери кои си заминаа сакаа да си заминат но за секој што замина има по еден што останува како Дел Пјеро, Буфон и Недвед како и оние што дојдоа како Божинов, Маркиони, Занети. Ако други фудбалери се решат да си заминат, тогаш нови фудбалери ќе бидат доведени.“
Во врска со казната и со жалбата која вчера ја поднесоа адвокатите на Јувентус, претседателот изјави: “Сеуште верувам дека заслужуваме да бидеме во Серија А со одземање на поени. Оваа казна која ја добивме е престрога и се надевам дека судот ќе ја намали. Тоа што сме во Серија Б со 30 поени во минус многу влијае и на заминувањето на фудбалерите кои не сакаат да ризикуваат 2 години во Серија Б. Иако имаме минус од 30 поени, јас ве уверувам сите дека уште во првата сезона ќе се вратиме меѓу елитата. Ќе видите еден Јувентус гладен за победи и за успех и никој нема да може да ни застане на патот на тој успех.“
За крај, добра вест за сите оние кои не им се допаѓаше предлогот на Најк за нов дрес на Јувентус. Дизајнот е променет и новите дресови ќе изгледаат како оној на сликата кој го носи Паладино. Разликата од минатата сезона е тоа што го немаме “италијанскиот штит“ (симболот за освоено скудето во минатата) и сега двете ѕвезди се наоѓаат на левиот ракав од дресот.